Направете модерен фаќач на сонови
Macedonian (Македонски јазик) translation by Martina Kovilevska (you can also view the original English article)



Јас ќе бидам прва што ќе признае дека никогаш не сум била голем фан на фаќачи на сонови. Но, како што јас секогаш велам, на секој занает може да му се даде нов осврт и модерна интерпретација. Неодамна забележав прекрасни, современи фаќачи на сонови наоколу, и тие ме инспирираа да си направам своја сопствена верзија. Продолжете да читате, за целосното упатство.
Материјали



- Ратански обрач со дијаметар од 21cm
- Ратански или метален прстен со дијаметар од 8cm
- Педуви (ќе ви требаат седум големи пердуви и околу дваесетина мали)
- Дрвени мониста со различни големини - јас користев мониста со дијаметар од 7mm до 2cm
- Осум клопчиња памучен конец Перл број 5 во комплементарни бои
- Ножици
- Супер лепак (не е прикажан)
1. Прекријте го обрачот
Чекор 1
Ќе го обмотаме целиот ратански обрач со виткање на конец околу него. Започнете со тоа што ќе го поставите крајот на конецот долж обрачот и ќе го држите со палецот. Потоа вртете го конецот околу обрачот, мотајќи го над опашката и покривајќи ја. Продолжете да го вртите конецот околу обрачот додека не обмотате барем една третина од обрачот.



Чекор 2
За да ја промените бојата, едноставно ставете го крајот од нов конец долж обрачот и држете го додека да го обмотате.






За да ја завршите првата боја, ставете го крајот на конецот долж обрачот и почнете да го обмотувате со втората боја. Можете да најдете подетални инструкции за мотање на конец и менување на бои на мојот туторијал за обмотан ѓердан со украсна реса.
Продолжете со менување на бои за да креирате украсна шара околу обрачот.
Чекор 3
Кога ќе го обмотате обрачот ставете го настрана, без да го врзете крајот на конецот.
2. Прекријте го помалиот прстен
Чекор 1
Обмотајте го целиот прстен користејќи ја истата техника како за обрачот.






3. Поврзете го обрачот со прстенот
Чекор 1
Ставете го прстенот во внатрешноста на обрачот и мотајте ја опашката од прстенот околу обрачот и назад околу прстенот во форма на осмица. Потоа замотајте ја повторно околу обрачот и врзете двоен јазол.



Скратете ја опашката од конецот близу јазолот.



Чекор 2
Сега почнете да ги поврзувате обрачот и прстенот користејќи ја опашката од обрачот и мотајќи ја во форма на осмица. Повторете ја постапката околу целиот обрач.






Чекор 3
Кога ќе бидете задоволни со начинот на кој тоа изгледа и нема да има големи дупки, врзете го конецот околу обрачот во двоен јазол и скратете ја опашката.






4. Додадете ги ресите
Чекор 1
Исечете конци со должина од 80cm за да ги направите ресите. Како што работам на нив, моите проекти еволуираат и се менуваат, така што некогаш сликите не се совпаѓаат со инструкциите!
Првично, исеков по четири должини конец во шест различни бои, за да ги направам ресите (и ја направив фотографијата подолу). Потоа, кога почнав да ги прикачувам, сфатив дека ми требаат повеќе од секоја боја. На крајот искористив по осум должини од пет различни бои, и шеснаесет должини од една боја.



Чекор 2
Прикачувајте ги конците еден по еден, почнувајќи со бојата што ќе биде на средина. Превиткајте го конецот на половина и врзете го на долниот дел од обрачот. Префрлете го конецот преку обрачот и проврете ги опашките низ превитканиот крај.
Убаво затегнете го јазолот за да дојде на дното од обрачот и конецот да виси надолу.



Продолжете да ги додавате конците еден по еден, врзувајќи ги близу еден до друг, но да не се преклопуваат.



Чекор 3
Додадете ја секоја дополнителна боја лево од центарот. Потрудете се да ги задржите конците колку што може попаралелни и помалку заплетени.



Потоа продолжете на десно, сè додека не ги додадете сите реси.



5. Скратете ги ресите
Чекор 1
Земете лист хартија и превиткајте еден ќош спојувајќи го со спротивниот раб, за да формирате триаголник. Исечете долж превитканата линија.



Чекор 2
Поставете го фаќачот на сонови на работната површина и расчешлајте ги ресите со прсти за да лежат исправено. Ставете го триаголникот врз ресите и користете го како водич за сечење.



Ставете ја вашата рака врз листот за да ги држите конците на место и исечете долж долните рабови на триаголникот.
Друг начин да го направите ова е да залепите селотејп на ресите паралелно со долните рабови на триаголникот. Потоа само исечете го селотејпот.






6. Додадете ги големите пердуви
Чекор 1
Подредете ги пердувите по големина, така што најголемиот ќе биде во средина, додека помалите ќе бидат на страните.



Најдете го конецот што е во средина на централната боја. Ставете малку лепак на врвот на пердувот и залепете го на конецот.
Пердуви, конец и лепак се непредвидлива комбинација, па затоа користете малку лепак и имајте влажна крпа во близина за да си ги избришете прстите. Држете го лепакот понастрана од ресите, инаку може сè да тргне на лошо!



Сега додадете ги двата пердуви на надворешните делови од ресите.



Потоа додадете ги останатите четири големи пердуви - по еден во средината на секоја одделна боја.



7. Додадете ги монистата и малите пердуви
Чекор 1
Подредете ги пердувите по големина. Ставете малку лепак на врвот на пердувот и залепете монисто на него, воедно погрижете се да се гледа барем 1cm од врвот на пердувот. Повторете ја постапката со сите пердуви, подредувајќи ги по големина.



Чекор 2
Почнувајќи од поголемите пердуви, закачете ги на ресите така што ќе има еднакво растојание помеѓу нив.



Чекор 3
Постепено, додадете ги и останатите мали пердуви на ресите. За да избегнете несакана ситуација со лепакот и пердувите, извлекувајте одделни конци настрана пред да ги залепите пердувите на нив.






8. Направете закачалка
Чекор 1
Исечете конец со должина од околку 26cm, превиткајте го на половина и врзете јазол на крајот.
Проврете го врзаниот крај низ големо монисто.



Ставете го конецот околу горниот дел од обрачот. Проврете го врзаниот крај заедно со монистото низ превитканиот крај. Силно затегнете го јазолот.



Закачете го вашиот фаќач на сонови
Слатки сништа!
Во овој туторијал научивте како да направите модерен осврт на традиционалниот фаќач на сонови, користејќи најразлични техники за мотање. Исто така научивте како да ги исечете ресите и да закачите одделни пердуви на секој конец.
Можете да експериментирате со повеќе мониста во средината да фаќачот на сонови, како и со различна шема на бои.



Дали сте фан на фаќачи на сонови? Можеби сега сте? Кажете ни во делот за коментари подолу.